Search This Blog

Saturday, February 20, 2016

ПРОГРЧКИ ФАЛСИФИКАТ ВО БИБЛИЈАТА

ПРОГРЧКИ ФАЛСИФИКАТ ВО НАЈПОЗНАТИТЕ ПРЕВОДИ НА БИБЛИЈАТА
  • Во најпознатите преводи на библиската старозаветна Книга на пророкот Даниел, вештачки е уфрлен зборот „Грција“, иако според оригиналниот текст на старохебрејски требало да стои – Македонија!
       Општо е прифатено верувањето дека дел од содржината на старозаветната Книга на пророкот Даниел, во која тој опишува еден свој сон, се однесува на освојувањето на Азија од страна на Александар Велики Македонски. Овде ќе укажеме на еден голем прогрчки библиски фалсификат на кој, за жал, потпаднаа многу преведувачи на Библијата, вклучително и некои македонски. Имено, во стихот (8,21) од Книгата на Даниел, е спомнат цар (крал), за кого библиските познавачи претпоставуваат дека е Александар Велики Македонски. Во македонскиот превод на Библијата (достапен преку Интернет) овој цар е наречен како „царот на Грција“.Консултиравме и други преводи на Библијата и во најголем дел од нив, секаде го пишува истото (веројатно според домино логиката да се прави превод врз основа на некој веќе претходно направен превод, па ако таму пишува „Грција“, тоа се зема здраво за готово и по инерција се внесува во новиот превод).
Така, на пример, од познатите преводи на Библијата на англиски терминот „Грција“ е спомнат во: преводот на Вебстер (1833 год.), во преводот на Дарби (1890 год.), во американската стандардна верзија на Библијата (1901 год.) и други. Во сите овие преводи на англиски се среќава терминот „Грција“ (Greece).
Во познатиот превод на Библијата од страна на Англиканската црква познат како Библијата на кралот Џејмс (од 1611) овој термин е модифициран, па наместо „Greece“ пишува „Grecia“. Во преводот на Дуеј-Рејмс (1582 год.), пак, се чини е отидено најдалеку во прогрчкото детерминирање на овој стих, па терминот Грција е заменет со етнонимот „Грци“ (наместо „царот на Грција“, пишува „царот на Грците“ !?).
Прогрчките детерминирања на овој стих од Книгата на пророкот Даниел се застапени и во преводите на други јазици (меѓу кои и македонски).
Меѓутоа, уште кога го прочитавме ова, се посомневавме во автентичноста на употребата на термнот „Грција“ во сите овие преводи. Ова заради фактот што ваквата квалификација била дадена околу крајот на седми или почетокот на шести век пред Христа од страна на старозаветниот пророк Даниел, а во тоа време никаква „Грција“ не постоела ниту како држава ниту како некоја оформена целина (унитарна античка грчка држава никогаш не постоела во историјата, туку наместо тоа постоеле извесен број градови-држави кои најчесто биле непријателски расположени едни кон други). Ова значи дека пророкот Даниел (кој тогаш живеел во Вавилон) не можел да спомне ваков термин.
 Истражувајќи натаму, наидовме на текстот на Стариот завет напишан на оригиналниот палео-хебрејски јазик (исто така од седми и шести век пред Христа) со транскприпција на современиот хебрејски и со транскрипција на зборовите со латинични букви. Го најдовме стихот 8:21 и наидовме на едно големо изненадување. Имено, таму воопшто не пишува „царот на Грција“, туку (на хебрејски) „царот на Јаван“. Па, кој си дозволил името Јаван да го фалсификува и да го замени со „Грција“ и тоа пишувајќи за време кога ваква држава не постоела?
Значи се работи за невиден и дрзок фалсификат и тоа направен во Библијата!!! Рековме дека ваквиот фалсификат веќе е нашироко распространет во огромен број преводи на Библијата, иако не во сите. Некои библиски преведувачи биле коректни, па во нивниот превод си стои „Јаван“ наместо вештачки уфрлениот и фалсификуван термин „Грција “. Така, на пример, во англискиот превод на Библијата направен од Роберт Јанг (објавен во 1862 година) сосема јасно пишува „кралот на Јаван“ (кing of Javan), а не „кралот на Грција“.
Видовме дека и кај фалсификаторите се забележуваат разлики што значи дека и тие не се сигурни во фалсификатот што (намерно или не) го направиле. Така, на пример, некои „Јаван“ го превеле како „Грција“, некои како „Греција“, а трети дури го употребиле и етнонимот „Грци“ (!?).
Но, што значи зборот Јаван? Зошто овој збор некој си дозволил да го поистовети со терминот Грција (Грци)? Дали е тоа можеби некое постаро име за териоторијата на денешна Грција?
Веднаш ќе кажеме дека Јаван не е никакво географско име (на пример некое поранешно име за Грција и сл.), туку тоа претставува лично име! Конкретно тоа е име на еден од синовите на Јафет (кој бил син на Ное). Значи, Јаван бил внук, од син, на Ное. Ова е посочено во Книгата за Битието (10 поглавје), каде во врска со ова читаме:
1 Ова е родословието на Ноевите синови: Сим, Хам и Јафет, на кои им се родија синови после потопот.  
2 Јафетови синови: Гомер, Магог, Мадај, Јаван, Тувал, Мосох и Тирас (...)
4 А Јаванови синови: Елисај, Тарсис, Китим и Доданим.  
5 Од нив се раширија народите по островите; според своите земји - секој со сопствен јазик - според своите племиња и народи.

Значи, според Стариот Завет, од внуците на Ное и од нивното потомство настанале разни народи, иако не е точно прецизирано од која личност кој народ настанал. Прогрчки настроените учени сметаат дека од Јаван настанале Грците, па затоа името Јаван во своите преводи го фалсификувале со терминот „Грција“. иако за такво нешто не постојат никакви историски докази. Всушнпст прогрчки настроените преведувачи се повикуваат на Тебалата на народите напишана од староеврејскиот историчар Јосиф Флавиј (кој живеел во првиот век по Христа) кој таму вели дека од потомците на Јаван настанале Грците. Така, на пример, во најпосетената интернет енциклопедија на Интернет (која во приличен степен треба да се зема со резерва, заради што е и забранета за употреба во некои американски образовни институции) „Википедија“ (наслов Javan) во врска со ова читаме:
Јаван бил четвртиот син на синот на Ное... Јосиф Флавиј го застапува традиционалното гледиште дека ова лице било предок на грчкиот народ.
Ваквиот став го застапуваат и други автори, меѓу кои и гореспомнативе преведувачи на Библијата. Според сите нив, Јаван бил наводен „предок на Грците“ и затоа неговото име во Библијата е фалсификувано со „Грција“ или со „Грците“. А како основа за ваквото тврдење се повикуваат на пишувањето на Табелата на народи напишана од страна на античкиот еврејски историчар Јосиф Флавиј. 
А сега да направиме критички осврт кон ваквите тврдења. Како прво да видиме што е тоа Табела на народите за која толку се држат овие прогрчки настроени преведувачи и учени. Веднаш ќе кажеме дека Табелата на народите не е никаков библиски, а ниту историски, текст, туку тоа е литературна творба, да не кажеме измислица, на многу подоцнежни автори.
Во Стариот завет (книгата Битие) видовме дека само пишува дека од потомците на Ное (цитат): се раширија народите по островите; според своите земји - секој со сопствен јазик - според своите племиња и народи.
                             Овде никаде не пишува од кој потомок кој народ бил создаден!
 Многу векови подоцна, одделни автори си дозволиле, врз основа на оваа реченица да претпоставуваат и да шпекулираат (се разбира без никакви цврсти докази) кој народ од кој потомок на Ное настанал.
 Ваквите претпоставки (шпекулации) се познати под името Табела на народите. Еден од авторите кои напишал своја Табела на народи бил и античкиот еврејски историчар Јосиф Флавиј. Меѓутоа, тој не е единствен автор на Табелата на народите, поточно не постои само една, туку постојат неколку Табели на народите од разни автори. Покрај Табелата на народите од Јосиф Флавиј, постојат и Табели на народите чии автори се: свети Иполит (трети век), Јером (крај на четврти век), Исидор од Севиља (седми век) и други подоцнежни автори. Сите тие своите табели ги направиле со векови по појавата на оригиналната Книга на Битието во Стариот завет (за која се претпоставува дека била комплетирана околу шести или седми век пред Христа).
Рековме дека според Табелата на народите од Јосиф Флавиј (која била напишана во први век по Христа, т.е. околу седум векови по комплетирањето на Книгата на Битието) Јаван бил предок на „Јонија и на сите Грци“ (се разбира без никаква историска основа за ваквото тврдење – патем да спомнеме дека во сите свои историски дела Јосиф Флавиј сосема јасно прави разлика помеѓу Македонците и Грците, секаде јасно издвојувајќи ги овие два народа).
Но, за разлика од Јосиф Флавиј, во Табелата на народите создадена од свети Иполит (прва половина на трети век) пишува дека Јаван (преку својот син Китим) бил предок на - Македонците! Интересно е што свети Иполит (кој потекнувал од Рим и денес се смета за еден од најголемите ранохристијански теолози), какодиректни потомци на Јаван, освен Македонците, ги сметал и: Иберијците, Тројанците, Фригијците и Римјаните. За етно-културната врска помеѓу Македонците и Фригијците (кои додека престојувале на Балканот биле познати под името Бригијци, т.е. Бриги) постојат голем број докази, што значи дека свети Иполит не бил далеку од вистината во ова свое твдрење барем кога се во прашање Фригијците и Македонците. Дека Јаван бил предок на Македонците (а не на Грците или на Грција) пишува и во големата дванаесет-томна Еврејска енциклопедија(објавена помеѓу 1901 и 1906 година) каде Јаван сосема јасно е поистоветен со (цитат) „Македонија“.
Во светски познатиот Крецман проект (всушност коментар за Библијата од страна на проф. д-р Пол Крецман, објавен на над 3.000 страници во периодот помеѓу 1921 и 1924 година, кој денес се смета за водечко толкување на Библијата среде лутераните, името Јаван се поврзува и со Македонија и со Грција. Овде читаме:
„Јаван ги вклучува Македонија, Грција и јонските колонии...“
Меѓутоа, еврејските истражувачи Готхил и Краус се категорични во тврдењето дека Јаван се однесува исклучиво на Македонија. Во својот коментар за Еврејската енциклопедија тие потсетуваат дека Александар Велики во древните рабински текстови бил опишан како „Александар Македонецот“ и дека во БиблијатаМакедонија се среќава под името Китим (кој бил еден од синовите на Јаван), што значи дека постои и библиско сведоштво дека Македонија е поврзана со Јаван(преку неговиот син Китим). Овде само ќе потсетиме дека ова сведоштво се среќава во старозаветната Прва книга за Макавеите (1-3) каде читаме:
Александар Македонецот, синот Филипов, кој тогаш веќе беше господар на Грција, се појави од земјата Китим и го победи Дарие, кралот персиски и медиски, по што зацарува место него“.
Во ова библиско сведоштво јасно гледаме дека Александар е наречен „Македонец“(кој во тоа време веќе господарел со Грција, што сосема одговара на вистината) и дека се појавил од земјата Китим. А бидејќи знаеме дека земјата на Александар е Македонија, како и дека Китим бил син на Јаван, еве и библиски доказ дека Јаван треба да биде поврзан со Македонија, а не со Грција.
Готхил и Краус исто така потсетуваат дека рабините кои живееле во времето на„Македонската ера“ (цитат): „го идентификувале хебрејскиот Јаван со Македонија“.
Заради сето ова се поставува прашањето: зошто преведувачите на Библијата не го искористиле зборот Македонија како синоним за Јаван (иако за тоа постои и библиско сведоштво во Книгата за Макавеите)? Зошто го избрале токму зборот Грција (па дури и етнонимот Грци) кога видовме дека нема никаква историска основа за тоа? Сепак можеби најдобро би било овие преведувачи да се држеле до оригиналниот текст и да го оставеле во своите преводи името Јаван, наместо да импровизираат врз основа на недокажани шпекулации (меѓу кои сосема слободно можеле да ја изберат и Македонија).
Еве уште една неправедна прогрчки ориентирана тенденција од светските учени во која на Грција и Грците без основа им се припишува нешто што реално не им припаѓа. И тоа овојпат, ни повеќе ни помалку, туку во самата Библија! Предлагаме за ова да се покрене една широка акција преку интернет до црквите во светот и до издавачите на Библијата со цел запознавање со оваа неправедна состојба.
Авторот е историчар во Институтот за историја и археологија при Универзитетот „Гоце Делчев" ,Штип
Александар Донски
Извор:

Современ грчки фалсификат во однос на јазикот на античките Македонци
Александар ДОНСКИ
Ставот на грчката историографија и на прогрчки настроените историчари и лингвисти е дека јазикот на античките Македонци не бил посебен јазик, туку бил дијалект на грчкиот јазик. Во прилог на оваа теорија се нудат неколку податоци, но грчката пропаганда посебно се фокусира врз еден од нив.
Имено, поголем број грчки и прогрчки настроени автори посочуваат на извадок од драма на старогрчкиот комедиограф Стратис напишана во 5 век пред Христа. Тие велат дека во оваа драма била потенцирана сличноста помеѓу македонскиот и грчкиот (атички) “дијалект”. Во врска со ова во делото “"Frequently Asked Questions on Macedonia"” од современиот грчки автор проф. Александрос Гербесиотис, читаме:
Атинските комедии се користеле и за потсмев на зборовите и на дијалектот на другите Грци, какви што биле Спартанците, Беотјаните и, се разбира, Македонците. Некаде во 5 век пред Христа, комедија под наслов “Павсанија” или “Македонци”, напишана од Атињанинот Стратис била поставена во Атина. Во различни делови од оваа комедија, еден Македонец објаснува како разни зборови од атичкиот дијалект биле нарекувани на македонскиот дијалект. Од изнесе­ното може да се заклучи дека Македонците зборувале на дорскиот грчки дијалект. Во делото на античкиот писател Атенај можат да се најдат извадоци од драмата на Стратис”. ("Frequently Asked Questions on Macedonia", Compiled by Alexandros Gerbessiotis; Copyright 1993; http://www.macedonia.info/FAQ.htm).
Податокот со извадокот од драмата од Стратис нашироко се користи низ Интернет од страна на грчките пропагандисти, а овој податок го користат и други странски автори. Сите тие се повикуваат на драмата на атинскиот комедиограф Стра­тис, во која (како што тврдат тие) во нејзини различни делови бил прикажан дијалог помеѓу некој Македонец и Атињанин, кои си кажу­вале како се изговараат зборо­вите на нивните јазици. Притоа, било очигледно дека се работело за зборови од ист јазик.
Веднаш ќе кажеме дека ваквото тврдење е обична лага засно­вана врз чист фалсификат! Која е вистината за драмата од Стратис? Како прво, од овој атински комедио­граф не е зачувано ниту едно дело во целина. Сочувани се само неколку реченици од не­го­вите драми и тие се пренесени во делата на ан­тич­киот автор Атенај од Наукрат (Athenaeus of Naucrates).
Како второ и најважно, односните наводни “различни делови” од неговата драма “Македонци” во кои наводно “еден Македонец објаснува како разни зборови од атичкиот дијалект биле нарекувани на македонскиот дијалект” воопшто не постојат и тие се измислица на современите грчки пропагандисти! Практично се работи за само еден фрагмент од оваа драма, составен од три кратки реченици. Во нив еден Атињанин прашува како се изговарало името на некоја риба, по што добил одговор на грчки. Современтите грчки пропагандисти сметаат дека тој одговор му го кажале “Македонците” и дека тоа било “доказ” дека тие зборувале “грчки”.
Меѓутоа, во оригиналот на драмата воопшто не пишува дека одговорот на грчки го кажале Македонци! Впрочем, еве го интегралниот запис од Атенај во врска со фрагментот од драмата на Стратис (објавен во неговото дело "Deipnosophists" VII kniga, Loeb Classical Library; ISBN 0-674-99380-2; стр. 508). Овде читаме:
Според Стратис во неговата драма 'Македонци' некој Атињанин поставил прашање за некое име што не го знаел и притоа рекол:
'Но, што е тоа сфирена'?
Другите му одговориле:
'Вие, о Атињани, неа ја викате кестра.'
Го пренесуваме овој фрагмент и на англиски во превод на Чарлс Бартон Галик (Charles Burton Gulick):
"Accordingly Strattis in his 'Macedonians', when some Athenian asks the question as being ignorant of the name, and saying:
"But, what is Sphuraena?"
The other replies:
"You, O Athenians, do call it cestra". (Athenaeus, "Deipnosophists" VII book, r. 508, Loeb Classical Library. Ова е единственото целосно издание на делото од Атенај на англиски, објавено во седум тома).
Еве тоа е тој единствен зачуван фрагмент од драмата од Стратис. Гледаме дека се работи за само три кратки реченици, во кои Атињанинот поставува прашање што значел зборот сфирена, а група луѓе му одгово­ри­ле дека тоа била риба, која Атињаните ја викале кестра.
Меѓутоа никаде не пишува дека луѓето што му одговориле биле Македонци! Сосема јасно читаме дека тие што му одговориле овде се наречени „другите“, без да биде посочена нивната етничка припадност.
Впрочем, некои грчки историчари ова многу добро го знаат и го признаваат. Американскиот историчар од грчко потекло Елијас Капетанопулос, во својата книга „Xenias Makedonizon te fone” (1993, стр. 7), сосема јасно признава дека во фрагментот од драмата на Стратис, воопшто не се знае кој ја кажува оваа реплика. Овде читаме:
Постои реплика од Стратис од неговата драма 'Македонци', но не може да се каже дека е македонска, затоа што не се знае кој ја изговара таа репли­ка.
Практично, тврдењето дека односната реплика на грчки била кажана токму од некој Македонец (а не како што пишува во оригиналот дека била кажана од „другите“) претставува безобѕирен фалсификат! Прв современ грчки автор кој пошироко го промовираше овој фалсификат е историчарот М. Сакелариу во своето дело “Маке­донија: 4000 години грчка историја и цивилиза­ција”, поглавие за “маке­донскиот дијалект”). Оттогаш, грч­ките историчари и пропагандисти само папагалски го повто­руваат овој фалсификат, па дури истиот е застапен и во некои странски енциклопедии со сомнителен квалитет, каква што е интернет енциклопедијата “Вики­пе­дија” (Wikipedia, the free encyclopedia, naslov: "Ancient Macedonian language")...
При знаењето на сето ова, навистина смешно изгледа тврдењето на спомнатиот грчки професор Гербе­сиотис, кој за драмата од Стратис пишува дека “еден Македонец објаснува како разни зборови од атичкиот дијалект биле нарекувани на македонскиот дијалект”.
Очигледно дека Гербесиотис не го ни прочитал делото на античкиот писател Атенај, туку само го пре­пишал фалшливото толкување на Сакелариу и притоа си додал нешто од себе. Ако го прочитал делото од Атенај што го цитира, тогаш ќе знаел дека таму воопшто не се спомнати “разни зборови од атичкиот дијалект, како биле нарекувани на македонскиот дијалект”, туку е спомнат само еден збор, и тоа име на некоја риба, за кое не се ни знае кој му го кажал на Атињанинот.
Податоците за овој грчки фалсификат треба што побргу да бидат доставени до сите странски публикации на Интернет во кои неко­ректно е пренесен и толкуван фрагментот од драмата од Стратис заради нивно корегирање или барем информирање за постоењето на овој фалсификат.

Преземено од  ФБ страната на Каролина Ристеска 
https://www.facebook.com/notes/289007134473934/?pnref=story.unseen-section

No comments:

Post a Comment