Monday, April 3, 2017

Зошто не се залагате за правата на Албанците во Грција?

ОТВОРЕНО ПИСМО ДО ПРЕМИЕРОТ НА Р. АЛБАНИЈА ЕДИ РАМА

Зошто не се залагате за правата на Албанците во Грција?

(Писмото во хартиена верзија на англиски јазик е испратено до премиерот на Албанија, Еди Рама, а по електронски пат и до познати медиуми во Р. Албанија)


Почитуван г. премиер Еди Рама, повод за ова писмо е Вашето залагање за правата на Албанците во Р. Македонија и Вашето покровителство на т.н. тиранска платформа.

Овде нема да коментирам делови од таа платформа, туку би сакал да поставам неколку прашања пред Вас и пред јавноста во Р. Албанија (каде што неколкупати сум престојувал и од каде што носам убави спомени).

Kако премиер на Р. Албанија и како Албанец, Вие сметате дека имате право да се грижите за своите сонародници во странство. Но, почитуван премиер, Вие многу добро знаете дека Албанците во Македонија ги уживаат сите можни човекови и национални права. Тие имаат свои политички партии, учествуваат во владата со свои министри, заменик-министри, како и функционери од пониските владини нивоа, имаат свои градоначалници, имаат свои училишта за основно, средно и високо образование. Имаат свои медиуми, свои културни друштва, можат дури и во Парламентот да зборуваат на својот јазик (нешто што е речиси незамисливо во другите држави).

Од друга страна, Албанците во Грција немаат ништо од сето тоа. Во Грција нема ниту училишта на албански јазик, ниту медиуми ниту културни друштва... Дури не се знае ни бројот на Албанците во Грција, иако според некои податоци, таа бројка изнесува близу 600.000 (без оглед дали се работи за домородни Албанци -Чами или за економски емигранти од Албанија). Во Грција Албанците (исто како и Македонците и припадниците на други народи) се денационализираат и присилно се терани да се декларираат како „Грци“. И не само тоа. Познати се многубројни примери за терор (палења, куќи, масовни убиства, силувања и прогони) врз Албанците Чами од страна на Грците при крајот од Втората светска војна (а секако и пред тоа, но и потоа). Верувам дека знаете за масакрот што го извршиле грчките единици на ЕДЕС врз Албанците Чами во Парамитија на 27 јуни 1944 година, кога во еден ден се убиени над 600 Албанци (мажи, жени и деца) само затоа што Албанците во Втората светска војна барале сопствен пат да добијат слобода од грчките режими.

Слични масакри врз Албанците, Грците извршиле и во селата Kарвунари, Парга, Трикорфо и други, каде што притоа биле силувани албанските жени и девојки од страна на грчки војници и вооружени цивили. За овие грчки масакри против Албанците известиле и британските воени претставници во Грција, кои до Министерството за надворешни работи на Велика Британија испратиле извештај во кој пишувало дека грчките војници извршиле „одвратни дела и одмазднички оргии“ над Албанците при што ограбувале и „уништувале с` пред себе“. Забележани биле убиства врз Албанци дури и од страна на борците на левичарската ЕЛАС. Таков е случајот на офицерот на ЕЛАС, Танасис Гиохалас, кој во Парга уапсил, а потоа и убил четириесетина Албанци.

Поради ваквиот грчки терор, голем број Албанци уште во август 1944 година почнале да ги напуштаат своите огништа и да бегаат во Албанија. Оние што останале дале вооружен отпор против Грците, но бргу биле поразени, заробени, а потоа и ликвидирани. Во март 1945 година Грците извршиле нови масакри против Албанците овој пат во Филиатес. Под водство на извесен Зотос, војниците на ЕДЕС, со вооружени цивили Грци, извршиле страотен масакр, убивајќи само во градот над седумдесет недолжни Албанци. Потоа околните албански села биле запалени, преживеаните Албанци биле протерани во Албанија. Набргу потоа грчката влада ги конфискувала имотите на сите Албанци што заради својот опстанок, биле принудени да побегнат во Албанија. Се смета дека поради ваквите масакри, над 35.000 Албанци биле принудени да ја напуштат Грција. Најголем дел од нив заминале за Албанија, а другите, главно, во Турција.

Албанците Чами што денес живеат во Грција немаат никакви национални права, исто како етничките Македонци, кои поради грчкиот терор по Втората светска војна (но и пред тоа), исто така биле принудени да ги напуштат своите домови.

При знаењето на овие податоци се прашувам зошто Вие почитуван премиер, ништо не кажувате за тешката положба во однос на човековите права на Албанците во Грција (иако нивниот број е поголем од бројот на Албанците во Р. Македонија), а се нафрливте против Македонија, каде што Вашите сонародници ги уживаат сите можни права? Предлагам да создадете платформа за правата на Албанците во Грција и притоа да побарате Парламентот во Атина да донесе резолуција против теророт врз Албанците Чами во периодот на Втората светска војна. Не е во ред, од една страна, да се создава непријателство кон државата Македонија во која длабоко се почитуваат правата на Албанците, а, од друга, да се има страв дури и да се спомне постоењето на Албанците во Грција, иако тие таму немаат никакви права.

Додека Македонците и Албанците ќе се конфронтираат меѓу себе, Грција (која ги тероризирала и едните и другите и која несомнено стои зад нашиот сегашен конфликт), мирно ќе набљудува отстрана како се мразиме или (не дај Боже) меѓусебно уништуваме. Се надевам дека ова набргу ќе се промени.

Со почит,

Александар Донски, историЧар


Извор: