Sunday, May 14, 2017

Историјата се повторува Минхенски договор -Рамковниот договор

АРХИВА August 25, 2001 Историјата се повторува Минхенски договор
Стојан Киселиноски - Историјата се повторува Минхенски договор "Рамковниот договор", всушност, го посеа семето на раздорот, семето на идните недоразбирања и конфликти меѓу Македонците и нелојалното албанско малцинство. Во "рамковниот договор" тлее, всушност, минхенскиот политички дух
На 30 септември 1938 година во Минхен (Баварија) се сретна А. Хитлер, фирер на Германија, Б. Мусолини, дуче на Италија, Н. Ченберлен, прв министер на Велика Британија и Е. Даладие, прв министер на Франција и го потпишаа Минхенскиот договор. По потпишувањето на договорот судбината на Чехословакија беше запечатена. Чехословакија, оставена сама од Велика Британија и Франција, беше принудена да го отстапи Судетскиот регион на Германија. Минхенскиот договор, сметаа претставниците на "западните демократии", го спаси мирот во Европа и светот. На 1 септември 1939 година фашистичка Германија ја нападна Полска, по достоинственото одбивање на полската влада да и отстапи на Германија екстратериторијален коридор низ својата национална територија.
Минхенскиот договор стана симбол на капитуланската политика на "западните демократии" пред теророт и насилството во меѓународните односи. Минхенската политика, всушност, е капитулантска политика. Политика на мир што секогаш води кон војна.
На 13 август 2001 година, во Скопје, се потпиша т.н. "Рамковен договор". За Македонците овој договор има карактер на Минхенскиот договор. Зошто?
Прво: во рамките на "Рамковниот договор" не случајно не се употребува поимот народ и поимот малцинство. Според "Рамковниот договор" во Република Македонија не живее еден народ (македонски) и малцинства (Турци, Срби, Албанци, Власи и Роми), туку само различни етнички заедници. Со тоа на македонскиот народ му се негира правото името на државата (Македонија) да се рефлектира во името на нацијата (Македонци) и името на нацијата (Македонци) да се рефлектира во името на државата (Македонија). На тој начин се крши историската спојка Македонија - Македонци и Македонци - Македонија. Според "Рамковниот договор" Република Македонија веќе не е држава на македонскиот народ и држава на малцинствата, туку држава на различни етнички заедници (македонска етничка заедница, албанска етничка заедница и тн). Со тоа на Македонија и се негира македонскиот етнички карактер, Македонија станува држава на шаренило на народи и Република Македонија добива географски карактер (упорно барано од страна на Грција).
По овие суштински промени, дел од "меѓународната заедница", до болка потчинета на американската политичка волја, ќе врши силен притисок и за сменување на името на државата. Тие, во иднина, ќе бараат името на ниту една "етничка заедница" да не се рефлектира во името на државата и името на државата да не се рефлектира и да не се совпаѓа со името на ниту една од "етничките заедници" што живеат во Република Македонија. На тоа се должи фактот што видни претставници на дел од меѓународната заедница за Македонија често ги користат поимите "оваа земја", "оваа територија", а за Македонците, наместо етничкото име, користат разни етнички деривати како "овој народ", "славјанското население", "славјаномакедонци" итн.
Второ: се официјализира јазикот на едно малцинство што е без преседан во меѓународната практика. Со високиот наталитет и со непрекинатата масовна емиграција од Косово, албанскиот јазик постепено ќе се рашири по целата територија на Република Македонија. На тој начин Албанците ќе добијат статут на народ во Република Македонија со сите етнички, политички и економски последици за Македонците.
Трето: "Рамковниот договор" ширум ја отвора вратата на федерализација, преку кантонизација, на Република Македонија. Тоа ќе се постигне со новиот закон за редефинирање на општините и со огромните локални овластувања што ќе ги добијат општините со новиот закон. Ние ќе добиеме (со "непристрасната помош" на разни западни олеснувачи) 5 до 6 албански кантони што ќе претставуваат една компактна албанска територијално-културна целина во Западниот дел на Македонија (Тетовско, Гостиварско, Кичевско, Струшко, Дебарско и нешто во Кумановско). Со тоа Република Македонија само формално ќе биде унитарна и суверена држава.
Со овој Рамковен договор, САД и нејзините европски сојузници уште еднаш потврдија дека доследно го почитуваат правото на силата, а не силата на правото во меѓународните односи. Тие уште еднаш, со примерот на Република Македонија, потврдија дека не ги почитуваат основните демократски принципи за кои толку често се повикуваат и залагаат. Демократијата е волја на мнозинството. Демократијата е владеење на мнозинството, која ја наметнува својата волја по демократски избори. Во Република Македонија 78% од населението (Македонци, Срби, Турци, Власи и Роми) го поддржуваат Уставот на Република Македонија, а само 22% (Албанците) не го почитуваат и покрај фактот што Уставот на Република Македонија им ги гарантира сите малцински права. Не го прифати Уставот на Република Македонија едно нелојално малцинство што во историјата на Македонија секогаш играше улога на петта колона и секогаш се бореше против најсуштинските интереси на македонскиот народ и македонската држава.
Што поддржаа САД и нивните сојузници во Република Македонија? Демократијата (волја на мнозинството, 78% од населението) или недемократијата (волјата на едно нелојално и агресивно малцинство, 22% од населението што се создаде како значително малцинство по 1960 година со масовна емиграција од Косово)? Тие го поддржаа малцинството и на тој начин останаа верни и достојни наследници на непринципиелната дипломатска традиција на нивните предци што се изрази со решенијата на Берлинскиот конгрес (1878), Букурешкиот мировен договор (1913), и особено Париските мировни договори (1919-1920). По нивните дипломатски решенија секогаш по правило следеа нови војни, покрвави од првите.
"Рамковниот договор" не е исклучок од ова правило. Македонија не може да биде држава на два народи (на еден стол не можат да седат истовремено двајца). Македонија може да биде држава само на македонскиот народ и на малцинствата што рамноправно живеат во неа. "Рамковниот договор" само привидно го посеа семето на мирот. "Рамковниот договор", всушност, го посеа семето на раздорот, семето на идните недоразбирања и конфликти меѓу Македонците и нелојалното албанско малцинство. Во "Рамковниот договор" тлее, всушност, минхенскиот политички дух...
(АВТОРОТ Е ИСТОРИЧАР)

Извор :